Авто новости

Дали повеќе би сакале да гледате во екран наместо во ретровизор?

14. февруари 2020 - 15:44 | А.С.

Lexus за првпат ја примени технологијата која користи камери наместо надворешни ретровизори пред неколку години во моделот ES во Јапонија.

Камерите и дигиталните екрани што ги заменуваат традиционалните ретровизори со огледала одамна не се новост во автомобилската индустрија, но во зависност од локалните закони уште ретко се применуваат во продукциски модели.

Оваа технологија сега пристигнува и на европскиот пазар, поточно во Велика Британија каде е дозволена со закон. Купувачите на Lexus ES 300h во Британија ќе може да ги нарачаат „дигиталните“ надворешни ретровизори како дополнителна опција по цена од околу 1.900 евра.

Возачите ќе треба да „фрлат поглед“ на 5-инчните екрани сместени во предниот агол на патничката кабина, пред А столбовите на автомобилот, наместо во огледалото на ретровизор.

Камерите кои ги заменуваат огледалата во ретровизорот се наоѓаат во мали куќишта на надворешната страна каде што традиционално се сместени ретровизорите.

Lexus набројува повеќе предности на оваа технологија, како пошироката слика за сообраќајот зад возилото, како и елиминирање на т.н. мртов агол што се јавува кај класичните ретровизори.

Исто така, малите куќишта во кои се сместени камерите го намалуваат отпорот на воздух и бучавата во кабината при возење со голема брзина.

Сликата на екраните е секогаш јасна, без разлика дали врне дожд или снег, што е уште една предност во однос на огледалата во ретровизори.

Целиот систем е поврзан со системот Blind Spot Monitor, а камерите при ноќно возење автоматски се прилагодуваат кога нaидува автомобил одзади, за да се спречи заслепување од фаровите.

Lexus ќе ја претстави оваа технологија пред европската публика во март, на Саемот за автомобили во Женева.