Авто новости

Czinger 21C е новиот рекордер во забрзување

22. февруари 2020 - 13:33 | А.С.

Czinger 21C е новиот првак во категоријата забрзување од 0 до 400 км/ч и кочење.

Хибридниот автомобил Czinger 21C постигнува забрзување од 0 до 400 км/ч и целосно кочење во интервал од 29 секунди, со што го сруши рекордот на Koenigsegg Regera. Претходниот рекордер имаше време од 31,49 секунди за истиот потфат.

Новиот рекорд е информација од производителот на Czinger 21C, па треба да се земе со извесна резерва, додека импресивниот резултат не биде докажан со официјално видео.

Тоа секако не значи дека Czinger 21C не е вреден за внимание. Напротив.

Забрзување од 0 до 100 км/ч постигнува за имресивни 1,9 секунди. Потребни му се 15 секунди за да забрза од 0 до 300 км/ч и потполно кочење. Максималната брзина на оваа „ѕверка“ изнесува 432 км/ч.

Автомобилот има 2,88-литарски V8 мотор сместен меѓу осовините, со поддршка од два турбополначи и неколку електромотори сместени на предната осовина.

Машината има 1.232 коњски сили, а максималниот број вртежи во минута изнесува 11.000.

Автомобилот уште го нема во продажба, а компанијата најави изработка на нова верзија под името Czinger 21C s со нешто полесна конфигурација. Возилото ќе има идентична моќност на моторот, маса од 1.218 килограми и максимална брзина од 380 км/ч. Цената се очекува да биде 1,7 милиони долари.

Czinger 21C е дизајниран и направен во Лос Анџелес, а ознаката 21C се однесува на 21. век. Следниот месец доаѓа во Европа, каде ќе има премиера на Саемот за автомобили во Женева.