Регион

Целосна забрана за движење во Грција поради Covid-19

23. март 2020 - 9:35 | МИА

Атина, 23 март 2020 (МИА) – Од шест часот утрово, стапи во сила целосна забрана на движење во Грција, а до 6 април 2020, секој граѓанин за да излезе надвор ќе треба да има посебна потврда, соодветно пополнета и потпишана и само поради конкретни причини, јави дописничката на МИА од Атина.

Пораката до граѓаните е да останат дома, бидејќи е забранета секаква активност, со исклучок на посета на супермаркет, аптеки, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашните миленичиња и секако, исклучок се оние кои работат и треба да стигнат до нивните работни места.

Преку бројот за итни случаи 112, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, синоќа испрати порака до сите корисници на грчките мобилни оператори, со известување дека од шест часот наутро „во сила е строго ограничување на движењето во целата земја“, како и дека дозволено е движење само за конкретни потреби или работа, за кои е потребна дозвола.

-Останете дома, останете безбедни, пишува на крајот на пораката што е на грчки и на англиски јазик.

Од ограничувањата се ослободени само вработените во армијата, во полицијата, медицинскиот персонал, како и вработените во службите за цивилна заштита и строго и единствено за исполнување на нивните работни должности.

За новинарите и вработените во медиумите, за сега, не се предвидени никакви олеснувања.

За граѓаните, постојат осум исклучоци од забраната и дозволено е само:

-одење и враќање од работа, само за време на работните часови;

-посета на аптека или доктор;

-посета на продавница за прехранбени продукти, кога не постои можност за достава;

-посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција;

-движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба;

-одење на погреб, свадба, крштенка и сл. согласно условите предвидени со закон;

-вежбање надвор или шетање домашно милениче, индивидуално или најмногу до две лица;

-еднократно враќање во местото на постојано живеење;

Паралелно, во приватните и службените возила, дозволено е да има по најмногу две лица, односно возач и совозач.

За оние кои ќе ги прекршат ограничувањата, предвидена е казна во висина од 150 евра.

За контролата, ќе бидат задолжени полицијата, општинската полиција, крајбрежната служба како и националниот орган за транспарентност. Контрола ќе се врши и со дронови и хеликоптери на полицијата, а предвидени се посебни проверки и на патарините.

Граѓаните, при излегувањето, со нив треба задолжително да имаат лична карта или пасош и потврда за движење.

Предвидени се вида на документи односно потврди за движење. Едната, за оние кои одат на работата и која ќе се пополнува само еднаш, заедно со потврда од работодавачот со детално заведено работно време, а втората, за другите случаи односно за посета на супермаркет, аптека, банка и сл.

За секое излегување од дома, поврзано со втората категорија, секој од граѓаните треба да има нова потврда.

На потврдите стојат сите лични податоци (име и презиме, адреса) како и причината за движење.

Од синоќа, во функција е посебен сајт со сите информации, како и двата вида на потврди (за вработените и за исклучоците од забраната).

Граѓаните ќе имаат три алтернативни начини да добијат потврда:

-да го пополнат формуларот;

-рачно да ја напишат причината за нивното излегување, заедно со име, презиме, адреса, датум и потпис;

-на специјално одреден број да испратат бесплатна смс порака, со бројот на конкретната причина за излегување, заедно со име, презиме и адреса.

Владината одлука за целосна забрана на движењето во Грција, ја соопшти вчера попладне грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео порака до граѓаните и рече дека „сите сме еднакви пред коронавирусот“, бидејќи „не разликува граници и народи, приходи или социјални групи, туку му се заканува на човекот, кој и да е, каде и да живее“.

-Во Италија, за жал, на секои две минути умира по еден човек. А ситуацијата се влошува насекаде во светот. Должен сум, да не дозволам, нашата земја да помине низ таков тест. Не смееме да стигнеме до степен да избираме кој ќе живее и кој ќе биде изгубен. Мојот избор е еден и единствен: Животот и здравјето на Грците, порача Мицотакис.

Според последните официјални податоци од Министерството за здравство на Грција, објавени вчера попладне, бројот на заразени со новиот коронавирус е 624 лица, а веќе 15 лица го загубија животот.