Живот

Цел Стејплс во солзи: Последно збогување со Коби Брајант

25. февруари 2020 - 8:43 | А.С.

Илјадници фанови и пријатели на Коби Брајант се собраа синоќа во Центарот Стејплс за да му оддадат почит и да му кажат последно збогум на кошаркарскиот херој.

Боби Брајант (41) и неговата ќерка Џијана (13), заедно со уште седум лица, загинаа во хеликоптерска несреќа во јануари и беа погребани во почетокот на февруари на приватна церемонија за семејството.

Синоќешната свеченост беше „Славење на животот“, прилика за последно збогување со една кошаркарска легенда, голем пријател и уште поголем човек. Датумот и местото беа симболично избрани – Центарот Стејплс е домот на клубот за кој Коби играше речиси целата негова кариера, Л.А. Лејкерс, а 24 и 2 се броевите на дресовите што ги носеа тој и Џијана.

Ванеса Брајант: Уште сме најдобриот тим

Настапи имаа Бијонсе, Алиша Киз и Кристина Агилера како блиски пријателки на семејството, а беа одржани и свечени говори. Сопругата на Коби и мајка на Џијана, Ванеса Брајант, се појави во јавност за првпат по несреќата и едвај запирајќи ги солзите, рече:

„Нема да можам да ѝ кажам колку е убава на денот на нејзината венчавка. Никогаш нема да го видам моето девојче како оди кон олтарот, да танцува со татко ѝ на свадбата, да има нејзини деца“, рече Ванеса за загубата на ќерката Џијана.

Таа зборуваше и за Коби, со кого беше во брак 20 години.

„Душо, чувај ја Џиџи, а јас ќе ги чувам Нони, Би-Би и Коко. Уште сме најдобриот тим. Ве сакаме и ни недостигате. Почивајте во мир и забавувајте се во Рајот додека не се сретнеме повторно.“

Шекил О’Нил: Време е ние да ја продолжиме твојата оставнина

Во неговото обраќање, легендарниот НБА играч Шекил О’Нил рече дека заедно со Коби се поттикнувале „да ја играме најдобрата кошарка на сите времиња“.

„Да, понекогаш како некои недозреани деца се каравме, се расправавме, се надмудрувавме и се навредувавме еден со друг со недолични забелешки“, рече поранешниот соиграч на Брајант.

„Ама бидете сигурни дека кога сите мислеа дека се караме, кога ќе се исклучеа камерите, ќе си намигневме и ќе си речевме: ‘Ајде да растуриме’. Никогаш не го сфативме сето тоа сериозно. Вистината е дека јас и Коби гаевме длабока почит и љубов еден за друг.“

Коби и Шекил играа заедно во Л.А. Лејкерс од 1996 до 2004 година и задно освоија три последователни НБА првенства: во 2000, 2001 и 2002 година.

„Мамба, прерано замина од нас. Следното поглавје во твојот живот само што почна. Сега време е ние да ја продолжиме твојата оставнина. Ти самиот велеше дека сѐ што е негативно – притисок, предизвици – сѐ е прилика да се издигнам. Сега ќе го послушам твојот совет и ќе се издигнам над болката и ќе почнам со заздравувањето. Знај дека тука сме за тебе, братче. Коби, ти си МВП во Рајот. Те сакам. Довидување“, заврши О’Нил.

Мајкл Џордан: Кога умре Коби, умре и дел од мене

НБА легендата Мајкл Џордан исто така одржа говор за Коби. Рече дека го гледал како помал брат. Коби го проучуваше Џордан целата негова кариера и се надеваше дека еден ден ќе стане најдобриот кошаркар на сите времиња.

Џордан раскажа како Брајант му праќал пораки цела ноќ и го прашувал за совети.

„На почеток беше напорен, но тоа понатаму се претвори во еден вид пасија. Не сте виделе човек со толкава пасија за нешто“, рече Џордан.

„Кога умре Коби Брајант, умре и дел од мене’, рече Џордан. „Кога ќе погледнам во оваа арена и низ светот, гледам дека умрел и дел од вас со него.