Живот

Бегство од затвор во Северна Кореја: Ако ме најдеа, ќе си пукав во главата

26. февруари 2020 - 14:20 | Б.С.Б.

„Да ме фатеа, ќе пукав во нив и ќе бегав. Ако не би можел да бегам, ќе си пукав во главата. Воопшто не ми беше опција да ме фатат жив“, раскажа за BBC Јеон Гванг-јин, поранешен затворски чувар од Северна Кореја.

Ако и тоа не функционираше, вели дека ќе се прободел со нож или ќе испиел отров.

„Бев подготвен да умрам, затоа ништо не ме плашеше, вели Јеон.

Тој ќе биде запаметен по нешто што дотогаш никогаш не се случило во историјата на Северна Кореја, затвореничка и затворски чувар заедно да избегаат од затвор.

Станува збор за затвореничката Ким, со која по претходно испланирано сценарио, успеал да избега од затворот во кој се запознале. Ја разбудил на полноќ, со нив имале два ранци спакувани ден претходно и тргнале кон слободата. Во ранците имале храна, резервна облека, отров и ножеви. Јеон не сакал да ризикува и понел и пиштол, иако Ким го молела да го остави. Заедно скокнале од прозорец и стигнале до дворот, во делот каде затворениците вежбаат. Пред нив имало висока ограда која морале да ја искачат, а најмногу стравувале од затворските кучиња кои ја чувале оградата заедно со чуварите. Успеале да се искачат, па ја минале реката која се наоѓа на граница со Кина, исто така чувана од оружени патроли.

И двајцата биле свесни дека или ќе успеат или ќе умрат, трето нема.

Се запознале два месеца претходно, во 2019 година, кога Ким стигнала во затворот каде работел 26-годишниот Јеон. Таму таа чекала судење поради помагање на луѓе да избегаат од државата. Таквите луѓе таму ги нарекуваат брокери. Ова ѝ било втор престој во затвор. Шест години им помагала на луѓето сè додека нејзините врски не ја издале. Во затвор минала 5 години, а за тоа време нејзиниот сопруг повторно се оженил и со себе ги зел нивните ќерки. За да преживее, повторно се вратила на старата работа, но веќе не се осмелувала да префрла луѓе преку граница. Сега им помагала на луѓето кои останале во Северна Кореја, да стапат во контакт со членовите на семејството кои побегнале.

Во Северна Кореја брокерите ги сметаат за државни непријатели и добиваат казна потешка од убиец.

Ким била осудена на 4 години и 3 месеци затвор во логорот Чонгори, знаела дека таму нема да преживее. Размислувала да се самоубие. Вели дека кога одиш во логор го убиваат човекот во тебе, повеќе не си човек, подолно си од животно. Кога Јеон ѝ понудил помош мислела дека е шпион, ѝ било потребно време да се увери дека сака да ѝ помогне и да избега со неа.

Вистинскиот момент за бегство било пред Ким да биде префрлена во логор. Успеале заедно да избегаат во Кина по истата рута по која им помагала на другите луѓе од Северна Кореја. Стасале во Кина, три дена се криеле во планините, а потоа стапиле во контакт со локален жител кој им позајмил телефон. Така Ким стапила во контакт со брокер кој го познавала. Тој им кажал дека севернокорејските власти ја алармирале кинеската полиција и дека ги бараат. Од една безбедна куќа во друга, успеале да излезат од Кина.

Така, стапиле во контакт со екипа од BBC и ја раскажале личната приказна. Велат дека иако успеале да се спасат, многу се загрижени за членовите на семејството во Северна Кореја. Се надеваат дека властите ќе земат во обѕир неколку факти како тоа дека долго време не биле во контат со нив и дека роднините ништо не знаеле за нивните планови за бегство.

Дојде време и да се разделат, Јеон ја моли Ким заедно да појдат во САД и да побараат азил, но таа е одлучна да остане во Азија.

„Се чувствувам виновна што избегав за да можам да живеам“, вели Ким. Тоа навистина ми ги скрши срцето.

Јеон се чувствува исто.

„Сите ние живеевме во затвор. Никогаш не смеевме да одиме каде сакаме ниту да правиме што сакаме. Севернокорејците имаат очи кои не гледаат, уши кои не слушаат, усти кои сè уште не зборуваат“, вели тој додека учи англиски јазик и се подготвува за новиот живот во САД.

Името на затвореникот е сменето за да се заштити нејзиниот идентитет во нејзиниот нов дом, стои во објавата на BBC.