Архитектура

Архитектонско чудо: Зграда што ѝ пркоси на гравитацијата

8. јануари 2020 - 8:49 | А.С.

Заборавете на Кривата кула од Пиза. Зградата Capital Gate во Абу Даби е ставена во Гинисовата книга на рекорди како градба со најголемо накосување на светот.

Под синото небо на Блискиот Исток блеска стаклен облакодер. Capital Gate трепери на сонцето додека под него врие метрополата.

Над луѓето на улиците, одвај видливи, мијачи на прозорци закачени на јажиња вешто ги полираат поединечно направените стаклени плочи на прекрасното архитектонско чудо. Овие 728 стаклени плочи се дизајнирани по мерка за да одговараат на необичниот облик на зградата.

Овие т.н. „алпинисти“ секојден ги чистат прозорците во форма на дијамант. Група од 12 луѓе секој месец два пати го обиколуваат облакодерот вршејќи си ја својата задача.

Необичната градба со 35 ката во срцето на Абу Даби е висока 160 метри, а се градеше од 2007 до 2011 година.

Инженерите и архитектите имаа за задача не само да ја направат највисоката зграда во околината, туку поголемиот предизвик беше да им пркосат на архитектонските правила и да направат градба која ќе го стави Абу Даби на картата на светот во овој сегмент, вели Ахмед ал Мансури, главен инженер и директор на одделот за инженеринг во National Exhibitions Company.

Тоа и успеаја да направат. Capital Gate навистина ѝ пркоси на гравитацијата.

Зградата речиси 10 години го држи Гинисовиот рекорд за градба со најголемо накосување на светот. Накосена е 18 степени на запад, што е околу пет пати повеќе од Кривата кула во Пиза, а најгорните 17 ката „висат преку работ, предизвикувајќи притисок од илјада тони на темелите на зградата“, објаснува Ал Мансури.

Денес, зградата Capital Gate претставува една од неизбежните туристички атракции во Абу Даби и во неа се сместени канцелариите на претставништва на големи светски компании, како и хотелот со пет ѕвездички Hyatt Capital Gate.