Музика

Ар Кели уапсен за детска порнографија и трговија со секс робинки

12. јули 2019 - 9:50 | А.С.

Аренби пејачот Ар Кели е уапсен откако против него беа поднесени нови обвиненија за кршење на федерални закони поврзани со детска порнографија и трговија со луѓе.

Педесет и двегодишниот музичар беше уапсен синоќа во Чикаго по 13 обвиненија и се очекува да биде префрлен во Њујорк.

Портпаролот на Јавното обвинителство на САД Џозеф Фицпатрик соопшти дека во обвинението поднесено во федерален суд во Илиноис има точки за детска порнографија и попречување на правдата.

„Меѓу обвиненијата има точки за производство, поседување и дистрибуција на детска порнографија, подведување малолетници, попречување на правдата и трговија со секс робинки“, рече Фицпатрик.

Ова беше второ апсење за Ар Кели годинава по обвиненија за сексуални прекршоци.

Добитникот на Греми, чие вистинско име е Роберт Кели, беше уапсен во февруари по 10 точки, откако четири жени сведочеа дека сексуално ги злоставувал. Три од нив биле малолетни кога се случил нападот.

Тој тогаш се изјасни за невин и беше пуштен на слобода со платена кауција.

На 30 мај, обвинителите во Кук Каунти додадоа уште 11 точки на обвинението за сексуално злоставување на малолетно лице.