Ракомет

Американци се мајтапеа со ракометот, ги разлутија Дончиќ и Карабатиќ

6. февруари 2020 - 18:01 | Ф.З.

Емисијата Highly Questionable на американската ESPN се исмеваше со ракометот нарекувајќи го „несериозен спорт“ по што предизвика гнев кај Лука Дончиќ и Никола Карабатиќ.

Сѐ започна со изјавата на поранешниот квотербек на Чикаго Беарс, Џеј Катлер, кој рече дека размислува да се активира како ракометар за да ги однесе САД на Олимпијада.

„Слушнав дека тој ракомет се игра на Олимписките игри и верувам дека би бил добар во тој спорт. Се игра со мала топка која ја додаваш наоколу и потоа ја фрлаш в гол. Тоа е како да играш фудбал во двор, само со раце“, рече Катлер во подкастот Pardon My Take.

„Колку играчи има таму, осум, така ли? Мислам дека ти, ЛеБрон Џејмс и Патрик Махоуми сами против било кои осум играчи од другите земји би освоиле злато“, му одговори водителот, а потоа Катлер продолжи.

„Мислам, па видете го тој спорт. Сите екипи на гол ставаат некој старец кој на памет крева раце кога му шутираат. Некогаш ќе го погоди топката, некогаш не. Ма морам да влезам во нашиот тим“.

Овој нивен разговор го презема и ESPN каде водителите расправаа за тоа дали САД со Катлер во тимот би можеле да освојат злато во ракомет на Олимпијада. Еден од водителите се согласи и рече дека Катлер и ЛеБрон веднаш треба да влезат во тимот.

„Дали некогаш сте слушнале некое 8-годишно дете да рече дека сака да игра ракомет? Сигурен сум дека тој спорт некаде на планетава е популарен. Кој се бави со ракомет? Оние кои не успеале во фудбал, американски фудбал или кошарка“, рече еден од водителите, Домоник Фоксворт.

Видеата со омаложувачкиот разговор за ракометот стигнаа до Лука Дончиќ и Никола Карабатиќ. Словенецот, иако кошаркар, добро знае што е ракомет, па на Twitter им врати дека немаат поим колку тежок спорт е.

„Нема шанси! Виде немате поим колку е тешко да се игра ракомет“.

Репрезентативецот на Франција, пак, дури и ги предизвика на дуел: „Еј Џеј Kатлер и Домоник Фоксворт, мислам дека не сте го простудирале ракометот доволно, но ќе ми биде задоволство да ви го дадам мојот олимписки златен медал ако го победите мојот тим“.

Се јави и кошаркарот на Портланд Треил Блејзерс, боснаскиот репрезентативец Јусуф Нуркиќ: „Не зборувајте ако не знаете што зборувате“.

Катлер си го навлече гневот. Доби предизвик и од германскиот шампион Фленсбург кој го покани да им се приклучи на тренинг за да им покаже колку е лесно да се игра ракомет.

Потоа и ЕХФ почна да го ремети почнувајќи да составува тим за да играат против САД: „Значи... кој друг ќе игра против Џеј Катлер и компанија за олимпиското злато? Досега ги имаме Никола Карабтиќ, Ласе Сван и Каспер Мортенсен“.