Фудбал
ИТАЛИЈАНСКИОТ СТРАТЕГ ЗА РАБОТАТА СО ХРВАТСКИОТ НАПАЃАЧ

Алегри: Манџукиќ во Јуве е еден од моите најголеми успеси

17. октомври 2019 - 10:14 | А.С.

Масимилијано Алегри опширно одговараше на новинарските прашања на тренерскиот самит во Варшава.

Со оглед на тоа дека сѐ погласни се шпекулациите дека тој ќе го преземе кормилото на Манчестер Јунајтед, поранешниот тренер на италијанскиот првак Јувентус во негов стил, духовито одговори на овие шпекулации дека сепак не го владее англискиот јазик толку добро и дека не знае што ќе се случува.

Полските новинари секако, беа најзаинтересирани за неговото искуство со полските фудбалери со кои работел досега, како и за тоа со кои играчи имал најспецијален однос.

Двајца фудбалери се истакнуваат во тоа поле – Златан Ибрахимовиќ и Марио Манџукиќ. Со првиот работеше во Милан, а со вториот во Јувентус и тоа цели четири сезони.

Манџукиќ стигна во редовите на „Старата дама“ на барање на Алегри летото во 2015 година и веднаш стана миленик на тренерот и првотимец.

Меѓутоа, по заминувањето на Алегри, кој со торинскиот клуб освои пет Скудета, четири Купа, два Суперкупа, па изгуби две финалиња во Лига на шампиони, 33-годишниот хрватски напаѓач го изгуби своето место во тимот.

Новиот тренер на Јувентус Маурицио Сари го избра својот миленик Гонсало Игуаин за таа позиција и веќе некое време интензивно се шпекулира дека Манџукиќ е „со една нога излезен“ од Јуве и дека можно е наскоро пак да соработува со Алегри и тоа во Манчестер Јунајтед.

„Во Милан Ибрахимовиќ секогаш се лутеше што останатите не можеа да го следат во чекор неговиот начин на игра. Две години му објаснував дека другите не играат како него. Мораше да го сфати тоа. Тренерот треба да го користи играчот онолку колку што тој може да му понуди“, рече Алегри, па ја префрли темата на Манџукиќ.

„Затоа Манџукиќ за мене е посебен играч. Ми даде неверојатна можност за маневрирање. Одличен фудбалер. Често менуваше клубови и имаше тежок пат.“

И самиот Манџукиќ се заљуби во Јувентус – тоа беше првиот клуб во кој останал подолго од две сезони во неговата кариера.

„Остана во еден клуб пет години и тоа е еден од моите најголеми успеси“, заклучи 52-годишниот Макс Алегри, кој во својата плодна кариера бил тренер на СПАЛ, Сасуоло, Каљари, Милан и Јувентус.

Речиси и нема друг двоец играч-тренер за кој се зборувало и пишувало толку многу како за Манџукиќ и Алегри во изминативе пет месеци.

„Навистина беше огромно задоволство да се работи со вас, господине Алегри. Вие сте голем тренер, учител и џентлмен. Имав среќа што можев да учам од вас. Ви посакувам сѐ најдобро, на теренот и надвор од него“, гласеше пораката со која Манџукиќ се збогува од Алегри кога тренерот спогодбено си замина од Јувентус во април годинава.

Алегри се запиша во историјата на Јуве како тренер со највисок процент на победи  - 70,4%.