20 март 2003, САД и Обединетото Кралство го нападнаа Ирак

Американските и британските сили ја почнаа инвазијата на Ирак и покрај противењето на Франција, Русија, Кина и Германија, за само два часа по истекот на ултиматумот кој му го постави претседателот Џорџ Буш на Садам Хусеин со синовите и соработниците да ја напушти земјата.

Со резолуцијата 1441 на Советот за безбедност на ОН донесена во ноември 2002 од Ирак се бараше повторно да ги прими инспекторите за оружје и да ги исполни барањата на сите други претходни резолуции. Иако Ирак го исполни бараното, Џорџ Буш и Тони Блер прогласија дека Ирак продолжува да ги спречува инспекциите на ОН и дека во земјата сè уште се наоѓаат резерви на забрането оружје по што на 20 март наредната година извршија инвазија.

По серијата воздушни напади следуваше копнена инвазија. Ирачките воени сили за кратко време беа поразени; на 9 април Американците го освоија главниот град Багдад, а Британците ја комплетираа окупација на јужниот град Басра на истиот ден. За неколку дена сите поголеми градови беа освоени и до 1 мај Ирак беше комплетно освоен.

Потоа се востанови дека Ирак немал оружје за масовно уништување, САД добија договори за екплоатација на ирачката нафта и целосно се повлекоа во декември 2011 година.