20 февруари 2000, почина македонскиот актер Игор Маџиров

На денешен ден, пред 20 години во Скопје почина Игор Маџиров, познат македонски актер. Тој беше еден од најдобрите актери во Македонија, најпознат по улогите во серијалот „Во светот на бајките“.

Меѓу 60-ина кандидати режисерот Милчо Манчевски му ја доделил улогата на Естој во најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“, кандидат за највисоката холивудска филмска награда Оскар. Јавноста го памети Маџиров како актерот со црвена коса, Могли – детето од џунглата, а првата улога како седумгодишно дете ја добил во филмскиот серијал „Белото циганче“.

Претставата „Убавицата и ѕверот“ во Театарот за деца и млади беше последна за него, кога својата улога ја одиграл само осум часа пред неговата смрт. Во Театарот за деца и младинци во периодот од 1993 до 2000 година Маџиров одиграл над 500 претстави. Роден е во 1970 година во Струмица.

Маџиров имаше само 30 години кога во сè уште нејасни околности си го одзеде животот скокајќи од балконот на неговиот стан, а единствен сведок на тој немил настан беше неговата тогашна девојка. Случајот никогаш не се расветли до крај.

Фото извор: Facebook профил Игор Маџиров / Igor Madzirov