18 март 1325, основан бил Теночтитлан, денешен Мексико Сити

Според легендата, на денешен ден на остров во езерото Тешкоко сместено во долината Анахуак, бил основан градот Теночтитлан.

Градот од 15 век бил седиште на народот Мешика кој владеел со Ацтешката Империја. За време на својот пик имал и до 200 илјади жители со што бил меѓу најголемите градови на светот. Го краселе огромни пирамиди кои го преживеале и шпанското уништување во 1521 година.

„Кога ги видовме сите тие градови и села изградени во водата, како и другите градови на копно, бевме стаписани и си рековме дека е како магија. Некои од нашите војници дури и прашаа дали работите кои ги гледаме не се всушност сон? Не знам како да опишам, да се видат тие нешта како што ги видовме ние и кои никогаш претходно не беа видени, ниту пак на сон“, Бернал Диас дел Кастиљо, конкистадор кој со Ернан Кортес учествувал во освојувањето на градот.

Шпаниците на негово место го изградиле Мексико Сити. Езерото Тешкоко денеска е исушено, а урнатините на Теночтитлан сега се наоѓаат во самиот центар на Мексико Сити.