Фудбал
1.МФЛ 2019/20

Заврши љубовта меѓу Шкендија и Хуан Фелипе

8. ноември 2019 - 13:19 | Ф.З.

Изминатово лето дојде како огромно засилување и тоа од лутиот ривал Вардар, а сега по само четири месеци Бразилецот и Шкендија се разделија на обострано задоволство.

Актуелниот шампион на Македонија на клупската веб-страница објави дека ја прекинале соработката со 31-годишниот Бразилец и тоа во меѓусебен договор. Тој имаше договор до 30 јуни наредната година, но како што стои во соопштението „разделбата е во интерес на обете страни и е постигнат договор за предвремено раскинување на договорот“.

Хуан Фелипе беше главниот играч на Вардар во освојувањето на двете шампионски титули во 2015/16 и 2016/17 како и при историскиот пласман во групната фаза од Лига Европа.

Тетовчани ја искористија финансиската криза во лутиот ривал и изминатово лето го донесоа Бразилецот кој требаше да биде замена за Ферхан Хасани. Но, целиот тим на Шкендија потфрли уште во европските квалификации, а лошата игра и резултати ги пренесе и во домашното првенство.

Не се знае каде Фелипе ќе ја продолжи кариерата, но малку е веројатно дека би се вратил во Вардар каде не само што не би бил добредојден по заминувањето во Шкендија, туку и самиот Вардар моментално финансиски не може да му понуди ништо.