Македонија

За две години над 20 проценти покачување на платите на просветарите

9. ноември 2019 - 11:53 | МИА

Скопје, 9 ноември 2019 (МИА) – За две години вработените во основното, средното и во високото образование се изборија за трето покачување на платите со кое на нивните сметки за два месеца ќе легнат нови 10 проценти. Просветарите минатиот и овој септември добија по пет отсто.

Министерот за образование Арбер Адеми и претставниците од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предводени од нивниот претседател Јаким Неделков вчера ги договорија новите 10 проценти покачување на платите кое ќе важи од 1 јануари 2020 година.

За министерот Адеми ова е историски момент затоа што ова е, како што рече, дополнително, трето покачување по оние што наставниците ги добија минатиот и овој септември од по пет проценти, нагласувајќи дека кумулативно платите се зголеми од 21,3 проценти во еден мандат.

За поместувањето на исплатата за три месеци порано, во јануари наместо во април како што беше претходно предложено, во Буџетот ќе бидат одвоени дополнителни 1,4 милијарда денари.

Адеми рече дека наставниците заслужуваат повисоки плати и дека секогаш МОН ќе биде на нивна страна, но дека засега се тие можностите.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков по вчерашниот договор истакна дека е задоволен од исходот на, како што рече, последната рунда  преговори по неколкуте средби со министерот за образование, но нагласи дека ова не значи затворање на прашањето за статусот на наставниците, туку е почеток на нови конструктивни преговори за дополнителни прашања за други проблеми на вработените и членовите на Синдикатот, како што е регресот за годишен одмор, враќање на реални трошоци за превоз до работното место и назад, реалното вреднување на работата во комбинирани паралелки, реално исплаќање на дополнителни часови во наставата итн.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес-конференција по објавувањето на договорот меѓу МОН и СОНК рече дека владата која тие ја предводеле склучила колективен договор со кој што се предвидувало динамично зголемување на платите од 25 проценти и дека оваа влада за три години на власт не направила никакво зголемување на платите со што според него, се прекршува колективениот договор.

Од опозицијата велат дека го поддржуваат секое зголемување на платите на работниците кое што треба да се прави врз основа на здрава и развиена економија.