Фудбал
Сезоната на Реал Мадрид отиде „во вода“

Винисиус Жуниор ќе отсуствува најмалку два месеци поради повреда

6. март 2019 - 14:46 | К.З.

Очајно лошата недела на Реал Мадрид продолжува, а расположението на навивачите ќе го расипе и новата информација за повредата на младиот Бразилец Винисиус Жуниор. Според докторскиот тим на клубот, тој ќе отсуствува од терените најмалку два месеци.

Бразилскиот тинејџер се повреди на синоќешниот натпревар против Ајакс, а веројатно и тогаш ја знаеше сериозноста на повредата, бидејќи го напушти теренот во солзи.

Реал Мадрид го загуби натпреварот против Ајакс со резултат 4:1, но загуби и многу повеќе од тоа. За првпат по повеќе од 10 години, сезоната за „кралевите“ завршува на почетокот на март, бидејќи тимот испадна од борбата за секоја од трите титули: Ла Лига, Купот на кралот и Лигата на шампионите.

Повредата на Винисиус Жуниор фрла уште една сенка на сезоната на Реал Мадрид, но е трагична и за младиот Бразилец, кој конечно доби повик да настапи за сениорската репрезентација на неговата земја, но сега ќе мора да ги пропушти претстојните пријателски натпревари против Чешка и Панама.