Архитектура

Урбана оаза: Цела една населба на покрив на зграда

7. август 2019 - 15:43 | А.С.

Како си замислувате една зелена, а сепак урбана оаза во срцето на голем град?

Вака изгледа еден обичен ден во неделата за жителите на Космо Парк во Џакарта: Излегуваат на трчање, ги полеваат растенијата во дворот и околината и ги шетаат кучињата по асфалтираните патеки и улици. Децата возат велосипеди по авении со дрвја, а околу има тениски игралишта и базени. Модерни и просторни станови има насеаде, а пред нив дворови со скара и играчки.

Ова звичи идилично само по себе, но моментот што изненадува е фактот дека оваа населба се наоѓа на покривот на еден трговски центар.

Трговскиот центар има десет ката, а на врвот се одвива еден сосема поинаков живот од она што се случува во градскиот метеж долу на улицата. Целата населба е опкружена со висока метална ограда за да не може некој да падне.

Космо Парк е населба што постои веќе 10 години, но јавноста дозна за неа дури пред еден месец, кога еден твитерџија објави фотографија на комплексот снимена од птичја перспектива.

Фотографијата отвори огромна дискусија околу тоа колку е паметно да се изгради такво нешто и кои се ризиците во случај на земјотрес.

Главниот град на Индонезија се соочува со пренаселеност, метеж на улиците, заглавен сообраќај и загаден воздух. А жителите на Космо Парк велат дека уживаат во животот.

„Ова е една преубава оаза“, вели Фазил Капаси додека се шета со синот кој вози велосипед.

„Има многи отворен простор, во центар е, безбедно е, соседите се супер.“

Агентите за недвижнини откриваат дека местото е најпопуларно за странци кои прават резервации на соби и станови таму со месеци пред време.