Свет

Унгарецот Ласло Трочањи нов комесар за проширување на ЕУ

10. септември 2019 - 14:02 | МИА

Брисел, 10 септември 2019 (МИА) – Новата претседателка на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска го номинира Унгарецот Ласло Трочањи за нов комесар за соседство и проширување на Европска Унија.

Трочањи (63) е адвокат, поранешен судија, дипломат и универзитетски професор, специјалност му е уставно европско и компаративно право, а е професор на Универзитетот во Сегедин.

Тој од 2019 година е член на Европскиот Парламент, од владејачката партија во Унгарија, Фидес. Претходно, од 2014 до 2019 година беше министер за правда на Унгарија.

Во периодот од 2000 до 2004 година беше амбасадор на Унгарија во Белгија и Луксембург, а од 2010 до 2014 година беше амбасадор во Франција. Трочањи беше заменик член на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2005 до 2013 година и член на Уставниот суд на Унгарија од 2007 до 2010 година.

Новоименуваната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел ги објави задолженија што им ги доделила на нејзиниот тим од 27 комесари (13 жени и 14 мажи) меѓу кои и Ласло Трочањи. Новите еврокомесарите треба да ги потврди Европскиот Парламент пред да стапат на функција на 1 ноември.

За назначените комесари следуваат тричасовни расправи пред ресорните комитети на Европскиот парламент во наредните недели.