Останати спортови

УФЦ: Дијаз не е суспендиран, ќе се бори за титулата Biggest Motherfucker

28. октомври 2019 - 15:34 | А.С.

„Борбата на годината“ – УФЦ 244 – уште е во игра, откако Нејт Дијаз доби зелено светло да настапи во Madison Square Garden на 2 ноември, кога треба да си ги измери силите со Хорхе Масвидал.

УФЦ и УСАДА официјално потврдија дека ММА борачот Дијаз нема да биде суспендиран, откако минатата недела излегоа информации дека паднал на допинг тестот.

„Борбата е во игра! Бев 100% сигурен дека Нејт не мамел“, објави претседателот на УФЦ Дејна Вајт на Twitter, а потоа во опширно соопштение преку УФЦ објасни во детали каква била ситуацијата.

При тестирањето, кај Дијаз биле најдени траги на андроген, познат и како Ligandrol, но дека извор на забранетата супстанца бил органскиот, вегански мултувитамин на билна основа што го користел Дијаз.

„Не направил никаков прекршок, не е привремено суспендиран и нема да биде казнет“, стои во текстот во кој се нагласува дека количината на забранетата супстанца била занемарлива и дека УСАДА ги смета резултатите за „нетипични“.

УФЦ доби и анализа од независни експерти кои потврдија дека во овој случај не станува збор за значително подобрување на перформансите од прилично ограничената количина на Ligandrol.

Кога беа објавени првичните резултати, Дијаз бесно реагираше дека „станува збор за лажни обвинувања“ и дека нема да се врати во рингот додека не биде исправена оваа грешка.

„Нема да дојдам во Њујорк бидејќи излегов позитивен на некои супстанци што може да биде предизвикано од контаминирани суплементи. Тоа се лажни обвинувања за допинг и нема да се борам додека УФЦ или кој и да е што се зае*ава со мене не ја исправи грешката“, рече Дијаз минатата недела.

Потоа Дијаз нагласи дека парите не го интересираат, туку само достоинството.

„Ми предложија да скријам сѐ, ама нема бидејќи не сум како оние кои мамат и молчат додека не заврши борбата за да им ги исплатат парите. Многу ми е гајле за парите, не се над моето достоинство и мојата оставнина. Не сакам да бидам дел од ова сра*е“, рече тогаш Дијаз.

Масвидал и Дијаз ќе се борат за појасот BMF (Biggest Motherfucker).