Тиаго Силва има 39 години, но и понатаму е најдобриот дефанзивец на Челси. Сепак, лондонскиот клуб не сакаше да го продолжи договорот со него, но затоа Флуминенсе не чекаше и потпиша двегодишен преддоговор со својот некогашен играч, кој важи од 1 јули.
Бразилецот зимата најави дека ќе го напушти Челси на крајот на сезоната бидејќи сака да го исполни ветувањето и да го заврши договорот во Лондон, како и да ги израдува навивачите на Флуминенсе. Денеска двата клуба објавија дека е постигнат договор и дека 39-годишниот стопер ќе се врати во својот матичен клуб во јули.
Тиаго Силва израсна во младинските категории на популарниот Флу, но си замина на 16-годишна возраст, за да се врати во 2006 година, прво на позајмица од московски Динамо, а потоа на уште две сезони во кои му помогнал на тимот да го освои Купот на Бразил. Својата фудбалска кариера ја изгради носејќи ги дресовите на Милан, Пари Сен-Жермен и од 2020 година на Челси.
Ја освои Лигата на шампионите во 2021 година, 7 шампионски титули на Франција, 1 во Серија А...
Флуминенсе не почна добро, по пет кола се наоѓа на 16. место со само 5 бода, а Силва ќе може да му помогне на тимот од 18-тото коло. Доаѓањето на Тиаго Силва во Флуминенсе беше најавено како „враќање на ѕверот“, па без разлика на неговите години, клубот има големи очекувања од долгогодишниот репрезентативец и капитен на Бразил.
Флуминенсе е актуелен шампион на Копа Либертадорес и има обезбедено место на Светското клупско првенство наредната година.