Наука и технологија

Старите лица во Јапонија сѐ повеќе и повеќе добиваат нега од роботи

5. август 2019 - 15:18 |

Недостатокот на кадар кој би работел во грижа за стари и изнемоштени лица Јапонците го пронајдоа во хуманоидните роботи кои сѐ повеќе и повеќе ги заменуваат луѓето.

Бројот на младите работници во Јапонија е сѐ помал и помал бидејќи земјата старее, а од присутните ретко кој сака да ја работи оваа тешка и слабо платена работа.

Во „Минами Цукуби“ домот за стари лица близу Токио, негувателката Асами Кониши носи работно одело кое е всушност робот наречен Хал кој ѝ помага при кревањето на пациентите. Но, таквите „одела“ им се даваат и на изнемоштените лица како би можеле далеку полесно да се движат, дури и по скали.

Производителот Cyberdyne изработува најразлични роботски уреди кои им го улеснуваат работниот ден на негувателките, но во истовреме дополнително им помагаат и на старите и изнемоштени лица. Направите ги читаат биоелектричните сигнали кои ги испраќа мозокот до мускулите и на тој начин на корисниците им помагаат во движењето.

Компанијата Panasonic изработи и робот-кревет кој се трансформира во инвалидска количка. Sony пак направи роботи во вид на домашни миленици кои не прават ѓубре и се одличен придружник за луѓето кои страдаат од осаменост или пак имаат деменција. Таков е роботот Паро кој е крзнено бебе фока, реагира на допир, звук и светлина, може да трепка и испушта звуци на фока, а чини 3.700 долари.

Во токискиот дом „Шинтоми“ старите лица ги занимава роботот Пепер, околу еден метар висок химаноид кој го води групното пеење. Тој може да комуницира со луѓе одговарајќи на едноставни прашања, а може да игра улога и на продавач. Производителот SoftBank до сега има продадено околу 16 илјади такви примероци, а стотика се продале и во САД каде работат продавајќи производи како на пример пиво.

Главната причина поради која Јапонците работат на усовршувањето на роботската технологија е демографската слика на земјата. Наталитетот на Јапонците опаѓа, а населението старее - скоро четвртина од бројот на жители се постари од 65 години. До 2050 година се очекува таа бројка да достигне и повеќе од 40 отсто.

Иако Американците тешко ги прифаќаат роботите како замена за луѓето, прогнозите велат дека до 2060 година ќе мораат и тие да почнат да ги користат бидејќи ќе се соочат со истиот проблем на стареење како Јапонците.