Фудбал
ЛИГА ЕВРОПА 2019/20

Со ножички место топката го нокаутира противникот

8. ноември 2019 - 11:25 | Ф.З.

Раул Хименес од Вулверхемптон го испрати во болница играчот на Слован откако неговиот обид да постигне гол со ножички заврши во главата на Кенан Бајриќ.

Немилиот настан се случи за време на синоќешниот натпревар од Лига Европа помеѓу премиерлигашот Вулверхемптон и словачкиот тим на Слован од Братислава.

Во 78-мата минута по една нафрлена топка во гостинскиот шестнаесетник, Раул Хименес сакаше атрактивно со ножички да проба да постигне гол, но топката прв со глава ја расчисти Словенецот Кенан Бајриќ па ногата на Хименес заврши во неговата глава.

Бајриќ веднаш бесвесно падна како покосен по што играчи од двата тима се стрчаа да му укажат помош. Веднаш беше префрлен во болница каде било констатирано дека имал потрес на мозокот.

„Добро е што е свесен. Многу ми е жал, навистина немав намера да го повредам. Се надевам дека брзо ќе се опорави. Беше многу тешко за сите над да го гледаме во таква состојба, без свест“, изјави виновникот за инцидентот, мексиканскиот репрезентативец Хименес.