Стил

Со љубов, од јубилејниот Моден викенд Скопје: Подготвени сме за следните 10 години

4. ноември 2019 - 14:12 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Модниот викенд Скопје заокружи 10 години постоење. Тоа беа 20 циклуси идејни решенија за актуелните и идните сезони, промени на дизајнерската сцена, промени во првите редови, промени во начинот на кој се третира модата во медиумите.

Модниот викенд како настан подлежи на социо-економските и општествените бранувања во земјава, но исто така и врши свое влијание. Модата долго време беше третирана само сезонски, во рубриките за животен стил или култура (зависно од уредувачката публика на медиумот) и прашината брзо стивнуваше кога ќе завршеа ревиските вечери.

Со појавувањето на онлајн медиумите, како и алтернативните гласови како модните блогери и во поново време, инфлуенсерите на социјалните медиуми, се внесува свежа перспектива на начинот на кој се гледа, но и конзумира модата.

Модниот викенд Скопје од ексклузивен настан за тесните модни кругови прерасна во една пошироко отврена платформа, без стравување дека ќе се наруши интегритетот и квалитетот. Врз тие промени делуваа надворешните влијанија (згаснувањето на печатените медиуми и подемот на онлајн платформите), но и ставот на организацискиот и ПР тимот на FWSK.

Поширката јавност имаше можност да ѕирне што се случува на пистите преку објавите на модните блогери на социјалните мрежи, а различните перспективи внесоа поинаков вид на поддршка, но и конструктивна критика.

Особено освежување видовме последните две сезони, кога Модниот викенд широко го отвори теренот за различните видови на модни играчи, проширувајќи го својот домен не само како отскочна даска за дизајнерите, туку и за останатите чинители на модната сцена. Присуството на странски блогери, фотографи и инфлуенсери значително ја промени атмосферата и внесе свеж воздух кој го вдишавме со полни гради. Организацијата на Моден викенд го уважи фактот дека сцената опстојува како жив организам и дека соработката е клучна ако сакаме заднички напредок. Синоќешното затворање на јубиленото издание на Моден викенд Скопје најави дека приказната допрва почнува, со потсетување дека иднината и успехот зависат од сите нас.

Што видовме на модната писта?

Со импресивна ревија на  македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева, заврши дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување, кое изминатите три дена се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на монументалниот објект во метрополата.

Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, први на третиот ден од Моден Викенд Скопје докажаа студентите од Академијата за Моден Дизајн во склоп на „Џолев и уметностите" и „Сеавус Едукативен и Развоен центар", преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Идеологијата која ги врзува „Attitude “на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност. Тргнувајќи од грижа за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состои од  петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот. Во целиот концепт на оваа модна линија, таа развива поттик за виталност и здрава свест низ урбана димензија, кршејќи ги бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.

Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа Сара Реџиќ. „Romantic fall“ е името на колекцијата со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона. На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени  детали.

Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“, поддржана од Merz Spezial, козметичката линија за убавина, чии производи гарантираат целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и ноктите, пак, официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Испратена со аплаузи и овации, македонската дизајнерка предизвика вистинска бура од емоции со парчињата облека, акцентирајќи дека да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот. Пред и после секоја одржана ревија, повторно можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот Moonage.

Фото: AD Photography