Фудбал

Скопје домаќин на Мундијалот 2020 за непризнаени земји

2. декември 2019 - 20:45 | Ф.З.

Светската конфедерација КОНИФА, пандан на ФИФА за непризнаените земји и народи, потврди дека организатор на претстојното Светско првенство ќе биде нашиот главен град.

Првично домаќин на Мундијалот требаше да биде Сомалиланд, непризната земја која сака да се отцепи од Сомалија. Тие сами се откажаа од организацијата без да наведат причина, па КОНИФА мораше да бара алтернатива.

„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека Скопје ќе биде наредната локација на КОНИФА Светското првенство. Тоа е фантастичен град со одлични услови и уште отсега со нетрпение очекуваме да се упатиме таму наредното лето и да гледаме одличен фудбал“, рече Саша Диркор, генералниот секретар на КОНИФА.

Мундијалот ќе се игра од 30 мја до 7 јуни и на него ќе учествуваат 16 репрезентации, а квалификациите ќе завршат токму овој месец. Досега учество имаат изборено 8 репрезентации и тоа:

Западна Сахара (Африка)
Дарфур (Африка)
Матабелеланд (Африка)
Кабилија (Африка)
Јужна Осетија (Европа)
Карпатаља (Европа)
Мапуче (Јужна Америка)
Каскадија (Северна Америка)

Допрва се очекува пласман и на Тибет, Кирибати, Абхазија и Елан Ванин.

Ова Светско првенство се одржува на секои две години, а во 2018 се играше во Англија во организација на дијаспората од Барава (Сомалија). Шампион стана репрезентацијата на Карпатаља која го претставува унгарското малцинство во Украина, поточно Закарпатската област. Втор беше Северен Кипар, а трета Паданија.