HBO направи генијален потег кога ја објави новата телевизиска минисерија „Chernobyl“ веднаш по завршувањето на мегапопуларната „Game of Thrones“ и со тоа го задржа вниманието на своите претплатници.
Минисеријата за нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година наиде на одлични критики и остварува неверојатни рејтинзи на гледаност и високи оцени, надминувајќи ги оние на „GoT“, „Breaking Bad“ и други популарни серии.
Пофалбите за изборот на актери и за квалитетот на продукцијата не престануваат, но гледачите почнуваат сѐ повеќе да замеруваат на еден детаљ што им го уништува искуството: дејството се случува во Украина, а ликовите зборуваат со чист британски нагласок.
„Престанав да ја гледам ‘Chernobyl’. Ај што зборуваат англиски, ама барем да се потруделе да имаат источноевропски нагласок“, се пожали еден гледач кој смета дека серијата на англиски јазик, па уште и со британски акцент, е неуверлива.
Авторот на серијата, Крег Мејзин, објасни дека уште од старт одлучиле дека ликовите нема да имаат украински нагласок во изговорот. Тој смета дека источноевропскиот нагласок многу лесно се претвора во комедија, нешто што никако не смеело да се случи со оваа серија. Тој исто така смета дека изговорот со нагласок ќе им претставувал само непотребен проблем на актерите кои ќе се фокусирале на тоа наместо на други, многу поважни аспекти на изведбата.