Сите парламентарни партии, со исклучок на Левица, ќе ја поддржат Декларацијата за поддршка на Украина во Собранието.
Единствени кои ќе гласаат против оваа декларација се двајцата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Иако нивните гласови нема да влијаат на одлуката, сепак тие ќе гласаат против.
Канал 5 објави дека Апасиев го потврдил ваквиот став и најавил дека причините зошто ќе гласаат против ќе ги образложат на самата пленарна седница.
Декларацијата е предлог на ЛДП и ДОМ, а претрпе мали измени од првичната верзија. Од предложените 10 точки се намали на 9, а наместо „Декларација на Собранието за осуда на политиките што го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ сега е преименувана во „Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“. Измените генерално се однесуваат на повикување на меѓународни конвенции и преформулација на одрени термини.