Македонија

Русковска: Очекував и други да признаат вина за „Рекет“

3. декември 2019 - 16:06 | МИА

„Очекував повеќе признанија за вина, не само од еден“, истакна денеска обвинителката Вилма Русковска по завршувањето на судењето за одвоената постапка за предметот „Рекет“ во кој обвинетиот Зоран Милевски – Кичеец призна вина, за разлика од првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 и второобвинетата Катица Јанева, кои се изјаснија дека не се виновни.

Обвинителката пред новинарите рече дека се познава со мајката на Боки 13  со која биле иста генерација и се познавале од прво одделение.

– Јас лично Боки го запознав кога првпат отидов  да гостувам на таа телевизија, а во ресторан сум била со него само кога беше прославата  на 1ТВ и толку од нашите седења и дружења по ресторани. Сето она друго што го кажа е невистина, истакна Рускоска.

Во однос на исказот на Боки 13 дека таа му обезбедила некакви информации, обвинителката рече дека не му дала никакви информации и дека новинарите треба да бидат сигурни во тоа. За изјавата дека камерите во домот на Јовановски ќе докажат каде се парите, Русковска рече дека не знае дали тоа вештачење е завршено и дека доколку е така „ќе биде добро доколку се утврди каде завршиле парите“.

Обвинителката, на прашање на новинарите за пораката на Јанева до судиите да не се плашат од Русковска, рече дека поранешната специјална обвинителка не е во ситуација на никого да порачува дали да се плаши или не.

За почетокот на воведниот збор каде го споредио предметот „Рекет“ со филмот „Чарлиевите ангели“, обвинителката Русковска рече дека таа направила аналогија со тој филм.

-Секако дека сум го гледала, но не сум ја гледала македонската верзија, документарецот што тие си ја снимаа за себе и затоа почнав со Чарлиевите ангели, мислејќи на документарецот, рече Русковска.

Судењето за предметот „Рекет“ продолжува на 6 декеври годинава, додека пресудата за издвоената постапка во која Зоран Милески – Кичеец призна вина, ќе биде изречена утре напладне.