Култура

Прилеп џез викенд сепак ќе се одржи, со мали измени

7. септември 2019 - 16:25 | А.С.

Организаторите на Прилепскиот џез викенд соопштија дека музичко-културниот настан што постои веќе седум години, ќе се одржи и оваа година, со мали измени.

Настанот што традиционално се одржуваше последниот викенд во август годинава ќе се одржи на 13, 14 и 15 септември. Новитет е и промената на локацијата - Кино Мис Стон.

Од организацијата наведуваат дека оваа година немаат покровители, донатори и спонзори, но ќе има влезници со кои ќе треба да се покријат потребните трошоци за да се одржи фестивалот.

Џез викендот ќе се одржи и во новонастанатите услови, со цел да се одржи џез културата во градот и да продолжи да се шири музичката мисла.

За оваа цел на програмата има врвни музичари од македонската џез сцена, како и проекција на документарецот со џез содржина „Blue Note“, во соработка со Фестивалот на музички документарни филмови - Skopje Cinema City.

Влезниците по цена од 400 денари (пакет влезници за трите дена) следуваат со подарок CD од дуплата компилација PRILEP JAZZ WEEKEND, а може да се набават во City Tobacco Prilep.

Повеќе информации за настанот може да најдете на официјалната Facebook страница Prilep Jazz Weekend.