Градскиот плоштад во Крива Паланка, во сабота (4 мај), ќе биде возбудливо место на празнично Меѓународно ретро шоу на автомобили-олтајмери од Македонија и соседството, кои ќе бидат изложени за јавноста од 11 до 13:30 часот.
Љубителите на старите атрактивни автомобили ќе можат да уживаат во овој ретро авто-собир и ревијата на околу 30-ина автомобили, стари и по 40 години, од моделите на Mercedes, Opel, Chevrolet и други.
Ретро шоуто на олдтајмери го организира Општина Крива Паланка, во соработка со клубот Олдтајмер Витези од Куманово, а учесници се повеќе олдтајмер клубови од нашата држава и од Србија.
Старата класа возила од минатиот век ќе тргне од собирното место во Куманово и ќе пристигне во 10:30 часот на паркингот кај ресторан „Облаче“ каде сите автомобили ќе бидат нумерирани и обележани со симболите на „Крива Паланка - Град на културата“. Возилата ќе продефилираат низ централното градско подрачје до Градскиот плоштад каде ќе бидат изложени и поставени нивните обележја.
Настанот ќе биде збогатен со настап на Диџеј Буѓо, а сите граѓани ќе можат одблиску да се запознаат со ретките примероци на олдтајмери, нивната приказна и историја, па дури и да си обезбедат специјално возење со овие стилски антиквитети на четири тркала.
Во 13:30 часот, олтајмерите ќе се упатат кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ каде ќе бидат изложени на паркингот над црквата.
„Ретро шоуто на олтајмери за прв пат се организира во нашата општина, а е дел од манифестацијата 'Крива Паланка - Град на културата 2024'“, велат од Општината“.