Објавен е тизерот за филмот „No Time to Die“, најновото продолжение во франшизата за агентот Џејмс Бонд.
Снимањето на новиот филм почна во април на Јамајка, а тогаш продуцентите потврдија дека улогата на негативецот ќе ја игра оскаровецот Рами Малек.
Даниел Крег по петти пат го глуми британскиот таен агент 007. Тој потврди дека ова е последно продолжение во кое ќе го игра Џејмс Бонд и дека е време да го замени некој помлад.
„Ова беше еден од најтешките, најнапорните, но и најубавите проекти на кои сум работел. Треба да се вложи многу енергија во оваа улога, а јас стареам и поради тоа е малку незгодно“, изјави неодамна 51-годишниот актер кој на снимањето на овој филм го повреди глуждот.
Во новиот филм, Бонд ужива во мирен живот откако ја напуштил Тајната служба, додека не го посети стариот пријател Феликс од ЦИА кој ќе побара негова помош.
Тогаш влегува во мисија за спасување на киднапиран научник, а притоа ќе му се најде на патот на еден мистериозен негативец наоружан со опасна модерна технологија.
Тизерот најавува дека официјалниот прв трејлер може да го очекуваме денеска. „No Time to Die“ ќе има премиера на 3 април, 2020 година во Велика Британија, а пет дена подоцна и во САД.
Франшизата Џејмс Бонд е една од најуспешните и најпрофитабилните во филмскиот свет. „Spectre“ од 2015 година заработи 880 милиони долари, а „Skyfall„ од 2012 повеќе од 1 милијарда долари.