Мобилни

Подолг од она на кое сме навикнати: Смартфонот Project Gem на Essential

9. октомври 2019 - 18:53 | А.С.

Не знаеме многу за смартфонот Project Gem на Essential, освен дека не наликува на ниту еден друг што сме го виделе досега.

Енди Рубин, контроверзниот технолошки гениј, еден од коосновачите на Android и човекот кој си замина од Google со огромно обештетување од 90 милиони долари откако беше обвинет за сексуално вознемирување на колешка, го созададе Essential Phone. Сега објави фотографии и видео од новиот смартфон.

Она што може да се види е смартфон што е подолг од она на кое сме навикнати кога станува збор за паметни мобилни уреди. А сепак изгледа прилично мал во неговите дланки.

Смартфонот има едно огромно копче, копчиња за звук на десната страна и слот за отпечаток од прст на задната, како и една главна камера.

Портпаролот на Essential за The Verge потврди дека станува збор за потполно нов телефон:

„Работевме на нов уред што сега е во рана фаза на тестирање надвор од лабораторија. Со нетрпение очекуваме да ви споделиме повеќе информации.“

Неколку часа подоцна, на официјалниот Twitter профил на Essential беа објавени поофицијални фотографии на новиот телефон наречен Project Gem:

Твитерџиите и блогерите за технологија не само што не беа импресионирани од уредот, туку и дискусијата ја насочија кон контроверзното минато на Рубин, при што еден нагласи: „Се надевам не размислувате да купите смартфон од човекот на кој му беа платени милиони откако сексуално нападна колешка“.