Фудбал

Пеле: Го сметам Мбапе за мој наследник, Нејмар има лош имиџ

18. декември 2018 - 14:11 | К.З.

Легендарниот бразилски фудбалер Пеле никако да престане со ненамерно комичните изјави. Овојпат на мета се најде неговиот сонародник Нејмар, кој Пеле одби да го прогласи за „новиот Пеле“ поради лошиот имиџ кој го следи фудбалерот на ПСЖ.

Најтрофејниот бразилски фудбалер на сите времиња секогаш е хит кога ќе излезе со негова изјава за случувања во актуелниот фудбал, па така и овојпат. Тој го критикуваше Нејмар поради неговото постојано симулирање на прекршоци, што наидува на големи критики кај сите љубители на фудбалот.

„Секогаш велев дека Нејмар ќе стане одличен играч, но што се случи во овие две години? Стана познат по работи кои не се поврзани со постигнување голови или дриблинзи, туку луѓето го знаат по симулирање на фаули и компликување на животот на судиите. Неговиот имиџ е негативен и неколкупати сум зборувал со него за тоа“, изјави Пеле.

Пеле вели дека Нејмар има многу тежок карактер и ретко прима совети, што само му ја отежнува работата кога тој се обидува да зборува со него за случувањата на теренот. Наместо неговиот сонародник, Пеле смета дека Килијан Мбапе може да биде неговиот наследник во фудбалот.

„Мбапе освои Светско првенство на 19 години а јас го направив тоа на 17 години. Му реков дека е блиску до мојот успех и лично сметам дека тој може да стане новиот Пеле. Многумина мислат дека се шегувам, но овојпат сум сериозен“, додаде Пеле.

Килијан Мбапе со голот во финалето против Хрватска стана вториот најмлад стрелец во историјата на финалињата на Светските првенства. Во тој момент Французинот имаше 19 години и 207 дена, додека рекордот и понатаму го држи Пеле, кој постигна гол во финалето во 1958 година со 17 години и 249 дена.