Македонија

Новогодишната елка ќе светне во петок на отворањето на Winterland

2. декември 2019 - 19:55 | Ф.З.

Новогодишниот базар Winterland 2020 со работа ќе почне во петок, на 6.12.2019 година, со осветлување на Новогодишната елка на плоштадот „Македонија“. Новогодишните куќички на Winterland годинава ќе бидат сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена, од отворањето на базарот, па сѐ до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година.

„Очекувам во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера, каква што не сме имале досега. Минатата година Winterland побуди голем интерес кај нашите сограѓани, а јас сум убеден дека годинава ќе биде посебна на свој начин и ќе привлече уште повеќе посетители. Нѐ очекуваат многу музички изненадувања од земјава и од регионот, кои треба да ги задоволат сите вкусови и да гарантираат добра забава. Затоа, ги поканувам граѓаните да го посетат Winterland 2020 со своите најблиски, да уживаат во празничниот амбиент и да ја почувствуваат новогодишната магија“, рече градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција на која ги претстави содржините на новогодишниот базар.

Во близина на куќичките во Winterland ќе биде сместена мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор се предвидени и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно на пладне.