Со поставување сјајна ѕвезда, вчера беше откриена нова кула висока 138 метри на базиликата Саграда Фамилија – најпознатата зграда во Барселона изградена во 19 век од каталонскиот архитект Антонио Гауди.
Неколку илјади луѓе, и покрај студеното и ветровито време, гледаа како кранот ја поставува ѕвездата од 5,5 тони на кулата посветена на Богородица. Надбискупот од Барселона ја благослови кулата, прва отворена по 45 години. Таа е втора највисока од 18-те кули.
Целата базилика може да биде завршена до 2032 година, на 150-годишнината од поставувањето на првиот камен, предаден од епископот Хозе Марија Уркинаона на 19 март 1882 година.
Саграда Фамилија е една од најпосетуваните згради во Шпанија. Во неа се наоѓа гробот на Гауди. Ѕвездата поставена на врвот на кулата е изработена од не’рѓосувачки челик, а пред инсталацијата беше тестиранa и нејзината издржливост, што вклучуваше удирање со тешки предмети при голема брзина.
По поставувањето на ѕвездата се одржа миса, а беше објавена и порака од папата Франциск кој потсети на сиромашните, болните, заразените со коронавирус и изнемоштените.
Во Барселона по повод отворањето на кулата до 4 јануари ќе се одржуваат различни настани кои вклучуваат пеење божиќни песни, конференции, изложби и народни танци.