Наука

Научниците прогласија вонредна состојба на Земјата: Ни се заканува невидено страдање

6. ноември 2019 - 15:44 | А.С.

Повеќе од 11.000 научници од 153 земји прогласија вонредна климатска состојба на Земјата, предупредувајќи дека ни се заканува „невидено страдање“ ако итно не се преземат мерки за зачувување на биосферата.

„Научниците имаат морална обврска јасно да го предупредат човештвото за каква било голема егзистенцијална закана“, велат потписниците на текстот објавен вчера во списанието Bioscience.

„Иако 40 години се водат светски преговори за климата, со неколку исклучоци, делуваме вообичаено и сериозно ја пропуштивме приликата да се фатиме во костец со ова чувствително прашање“, стои во текстот на Сојузот на научници предводен од Вилијам Рипл и Кристофер Волф од Универзитетот на Орегон во САД.

„Климатската криза е тука и се забрзува посилно отколку што повеќето научници очекуваа“, тврдат потписниците.

Се препорачуваат шест чекори со кои би се ублажиле најпогубните последици од климатските промени: да се заменат фосилните горива со алтернативни од обновливи извори, да се намали емисијата на штетни гасови како метан, да се заштитат екосистемите на Земјата, да се јаде повеќе храна од растително потекло, а помалку од животинско, да се стабилизира светската популација и да се намали испуштањето на јаглерод диоксид во стопанските гранки.

Научниците велат дека се охрабрени од постапките на младите луѓе кои организираат протести и бараат од нивните влади да преземат мерки за спас на планетата.

Човештвото мора да преземе мерки „за да го одржи животот на планетата Земја, нашиот единствен дом“, велат научниците.