Вести

Настанок и смрт на универзумот – предавање на Скопско астрономско друштво

6. ноември 2019 - 16:33 | А.С.

Во организација на Скопското астрономско друштво на 7 ноември од 20 до 21 часот ќе се одржи предавање на тема „ Настанок и смрт на универзумот“, во Амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

„Најверојатно, многу пред појавата на цивилизациите, луѓето си поставувале прашања за тоа кои сме, од каде доаѓаме и која е целта (ако воопшто постои) на нашето постоење. На некои од овие прашања, тие одговорите често ги наоѓале во религиозни толкувања и догми. Со зголемување на знаењето низ вековите, а особено со рапидниот подем на науката во 20. век, отпочна ера на научно објаснување на Универзумот во кој живееме“, стои во најавата на настанот.

На предавањето ќе се зборува за теоријата на Биг Бенг, како дошло до неа и како таа се развива и менува низ децениите, а ќе се опфатат и сценаријата за тоа како нашиот Универзум би можел да „заврши“.

Билети по цена од 100 денари ќе може да се купат пред почетокот на предавањето, на влезот на амфитеатарот, и не е потребна претходна најава.

За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).