Младенче на бел носорог се роди во белгиската зоолошка градина, соопштија преку известување вработените во Паири Даиза, кои учествуваат во зачувувањето на овој загрозен вид.
„Во понеделникот, на 25 ноември рано наутро на свет дојде прекрасен мал мажјак“, стои во соопштението на Зоолошката. „Мајката Мадиба и младенчето се во добра состојба“.
Вработените соопштија дека уште една женка, Ели, е бремена, а раѓањето на нејзиното младенче се очекува кон крајот на оваа година.
И во двата случаи станува збор за природно зачнување.
Во соопштението стои дека јужниот бел носорог избегнал целосно изумирање во 20 век и се додава дека во дивината денес има околу 20.000 примероци.
На другиот подвид, северниот бел носорог, наскоро му се заканува изумирање. На планетата постојат само две женки. Последниот мажјак Судан почина минатата година.
Поради губењето на природното живеалиште и ловокрадците, бројот на белите носорози опаѓа,а размножувањето оди бавно. Женките полово созреваат на 7 или 8 години и секои две до три години раѓаат по едно младенче по 16 месеци бременост.
Кај некои видови носорог успева вештачкото оплодување, но во последните 15 години поради комплексниот начин на размножување родени се помалку од 10 единки по овој пат.