НЛО ентузијастите добија шлаканица од Facebook откако компанијата го избриша настанот за масовното влегување во забранетата Област 51, уште една причина за разгорување на секогаш популарната теорија на заговор за криењето на постоење на вонземјани на Земјата. Објаснувањето за бришењето на настанот е дека ги прекршувал стандардите на заедницата.
„Storm Area 51, They Can’t Stop All of Us“ беше настан кој привлече повеќе од два милиона луѓе кои пријавија присуство преку Facebook. Целта на настанот беше што повеќе луѓе да се соберат и заедно да влезат во строго забранетата област на армијата на САД за еднаш засекогаш да ја решат мистеријата дали внатре се чуваат летечки чинии и вонземјани.
Влегувањето во Областа 51 беше планирано за 20-ти септември, а малкуте хотели во близина веќе пријавија дека се пополнети за тој период откако настанот доби огромна популарност. Локалниот шериф Кери Ли вели дека дури и 500 туристи можат да направат хаос во околината правејќи гужва во сообраќајот и проблеми со паркинг места бидејќи најблиското населено место до Областа 51 брои само 5.200 жители.
Можеби и Пентагон има улога во потегот на Facebook откако во обид да ги обесхрабри НЛО ентузијастите излезе со соопштение дека „американските сили се на готовс да ја бранат земјата и нејзините тајни“.
Разговорот за настанот се префрли на Twitter по хаштагот #Area51 каде многумина коментираат дека бришењето е бадијала бидејќи сите го знаат датумот и местото на собирот.