Фудбал

Ласе Шене го враќа Пандев во нападот

14. август 2019 - 11:39 | Ф.З.

Со ангажманот на данскиот плејмејкер нашиот Горан Пандев се враќа на својата природна позиција во нападот на Џеноа.

Сепак нема да има ништо од новата улога на Пандев. Тренерот Аурелио Андреацоли пред месец дена најави дека поради одличната техника и преглед на играта го гледа Пандев во улога слична на Андреа Пирло, но на крајот нашиот ветеран сепак ќе си остане во нападот.

Пандев на тренинзите и на пријателските натпревари играше на новата позиција, но деновиве неговиот клуб го донесе 33-годишниот дански репрезентативец Ласе Шене чија природна позиција е токму креатор на играта.

Сѐ уште не се знае дали Пандев ќе игра како најистурен во нападот или пак како поддршка за некој од напаѓачите. Џеноа летово го засили нападот со парагвајскиот голгетер Тони Санабрија од Бетис, младата надеж Андреа Пинамонти од Интер и Синан Ѓумуш од Галатасарај.