Наука

Куче или волк: Во Сибир пронајдено замрзнато младенче старо 18.000 години

2. декември 2019 - 12:26 | Б.С.Б.

Научниците се обидуваат да откријат дали замрзнатото младенче пронајдено во Сибир, старо 18.000 години, е всушност куче или волк, пишува CNN.

Младенчето имало само два месеци кога загинало, а благодарение на ледените услови во Сибир, неговото тело е совршено сочувано, како и крзното, забите и главата.

Со ДНК тестови било невозможно да се открие за кој вид животно станува збор, а научниците сметаат дека младенчето би можело да претставува еволуциска врска меѓу волците и денешните кучиња. Со радиокарбонско датирање е откриена староста на младенчето во времето кога е загинато, како и тоа колку долго е замрзнато. Анализите на геномот покажале дека се работи за мажјак.

Истражувачот Дејв Стентон од Центарот за палеонтологија во Шведска за CNN изјави дека животното би можело да биде предок на кучињата и волците.

Научниците продолжуваат со ДНК секвенција и сметаат дека откритието би можело да открие многу за еволуцијата на кучињата. Младенчето го доби името Догор.

Се верува дека денешните кучиња се потомци на волците, но постои дебата за тоа кога кучињата се спитомени. Во истражување објавено во 2017 година се наведува дека припитомувањето се случило пред 20.000 до 40.00 години.