Огромна борба за влез во првата лига се води во Холандија.
Враќање во елитното друштво обезбеди Вилем Втори, а на дофат на тој успех беше Рода кој во петокот на домашен терен го победи Камбур со 2:0. Нивните ривали во битката за второто место, Гронинген, губеа со 1:0 од Телстар и се чинеше дека славењето може да започне.
Сепак, Гронинген успеа да израмни во 95. минута и така остана во борба за пласман во Ередивизија.
Навивачите на Рода, сепак, имаа нешто поинакви информации. Официјалниот најавувач Вим Фријнс на стадионот објави дека Телстар води со 2:1, што ги натера навивачите масовно да истрчаат на теренот и да започнат бурно славје.
„Некој ми кажа дека Телстар постигнал гол. Луѓето плачеа покрај мене од среќа. Фудбалерите на Рода се вратија на теренот да слават со навивачите. Мислев дека информацијата е точна. Дури подоцна дознав дека нема гол. Но, прославата никој не можеше да ги спречи навивачите“, призна тој во интервју за Voetbal International.
Гронинген и Рода ќе одлучат за директен пласман во највисокиот ранг на холандскиот фудбал во последното коло во директна пресметка. Гронинген игра дома и има потреба од победа, додека секој друг исход ја одржува Рода на второто место.