Стотици чекаат во редици да се отворат продавниците, редовите се подолги како што се приближува почетокот на работното време на трговските центри – вака изгледа Black Friday, кога почнува сезоната на лов на попусти.
Black Friday е петокот по Денот на благодарноста, а традицијата настанала во текот на 60-тите години на 20 век во Соединетите Американски Држави, а децении подоцна се проширила на поголемиот дел од планетата.
Според анализите и проекциите на компанијата Adobe, во САД се очекува попустите да се движат во просек меѓу 5 и 25 проценти. Слични проценки се најавуваат и за Европа.
Имајќи ја предвид вообичаената практика дека трговците често ги зголемуваат цените пред попуст, бидете внимателни и размислете дали и што навистина ви треба.
Совет е да купите сè што можете онлајн, за да не создавате огромни гужви во продавниците или да го изберете само она што навистина ви треба. Онлајн продавниците често и ги најавуваат големите попусти, па разгледајте, размислете и кога ќе дојде денот, 25 ноември, со пикирани производи седнете пред компјутер или фатете некоја добра зделка со телефонот в раце. Вака ќе имате поголема контрола врз купувањето и ќе се спасите од гужвите и турканиците.
Што е Black Friday и како го добил своето име?
Веднаш по Денот на благодарноста во Соединетите Американски Држави е Black Friday- денот кој го означува почетокот на празничната шопинг сезона.
Посетите на продавници и малопродажни синџири на тој датум се поголеми отколку во другите денови, а клиентите може да очекуваат големи попусти и понуди кои не би можеле да ги добијат.
Терминот потекнува од Филаделфија, најголемиот град во американската држава Пенсилванија.
Многумина веруваат дека тоа е предизвикано од фактот што во 60-тите малопродажните синџири работеа во минус (во црвено), така што кога ќе се отвори сезоната на шопинг, тие ќе почнат да прават профит - да одат во црно.
Сепак, ова верување не се заснова на факти, туку името „Црн петок“ е создадено поради колапсот предизвикан од масовните пристигнувања на жителите од предградијата во центарот на градот на првиот ден по Денот на благодарноста.
Поради метежот и сообраќајниот колапс во Филаделфија, полицајците биле обврзани да работат продолжено време, а на граѓаните им требало повеќе време за секојдневните активности, пишува енциклопедијата „Британика“.
Во текот на 80-тите, името Црн петок беше прифатено низ цела Америка.
Како да препознаете дива или измамничка е-продавница на Facebook?
За некои носи милијарди, за други е ден на штрајк
Оттогаш, па и денес, традиционално, почетокот на продажната сезона не минува без гужви, туркање, пцовки, влечење за коса, тепачки и расправии.
И долго време, Black Friday беше најважниот ден во годината за американскиот малопродажен сектор. Сепак, работите малку се свртеа, така што овој ден станува најважниот ден за некои работници. Секоја година група работници во гиганти како Волмарт организира серија штрајкови.
Инаку, најмногу Американци се вработени во трговскиот сектор, речиси 25 отсто или 42 милиони американски граѓани работат во трговијата.
Покрај американските, тој ден почнаа да штрајкуваат и работниците во Германија, Италија, Велика Британија, Франција... и сите тие повикуваат на протест за да им укажат на условите за работа по повод „црниот петок“. Нагласуваат дека е најдобар ден за притисок врз работодавецот.