Вести

Има ли вода на Марс? Изгубен контакт со леталото што требаше да го потврди тоа

7. септември 2019 - 11:17 | МИА/КАЈГАНА

Индија изгуби контакт со вселенското летало Vikram кое се обиде да слета на јужниот пол на Месечината за да постави возило за да бара знаци за постоење вода на земјиниот сателит, објави денеска индиската Организација за истражување на вселената.

Сè уште не се знае дали леталото слетало или имало несреќа.

Индиската организација соопшти дека спуштањето на леталото кон Месечината било нормално до вториот километар од лунарната површина и дека е во тек анализа на податоците за да се утврди што се случило.

Мисијата Chandrayaan-2 за која беа потрошени околу 140 милиони американски долари, имаше за цел да ги анализира кратерите на „темната страна на Месечината“, каде има резерви на вода, што беше потврдено од мисијата Chandrayaan-1 во 2008 година.

Новата мисија почна на 22 јули од вселенскиот центар во Сатиш Даван на островот Шрихарикота, по што Chandrayaan-2 помина неколку недели на пат кон Месечината за конечно да влезе во орбитата на 20 август. Вселенското летало Vikram се одвои од главниот брод на 2 септември и започна серија маневри за да се подготви за слетување.

Со успешно слетување на вселенското летало, Индија ќе станеше четвртата земја што го сторила тоа и само трета земја што поставила роботско возило.

Само три земји – САД, поранешниот Советски сојуз и Кина – слетаа летала на Месечината, а Кина, во јануари, стана првата земја што стасала до оддалечениот крај на Месечината.

Во април, израелско вселенско летало се урна на неколку моменти пред да слета на Месечината.