Фудбал

Ибрахимовиќ доби статуа во Малме

10. октомври 2019 - 12:12 | Ф.З.

Во родниот град Малме шведскиот ас доби брознена статуа висока три метри која го отсликува како прославува гол.

„Без разлика на тоа од каде доаѓаш, каде се наоѓаш, како изгледаш, статуата е симбол дека сѐ е можно“, рече Ибрахимовиќ видно погоден од глетката да се види себеси во такво издание онаму каде што почна неговата кариера.

Додека беше во ПСЖ тој доби своја восочна фигура во Гевин восочниот музеј во Париз, но друго е чувството да се добие споменик во родниот град.

Шведскиот скулптор Петер Линде е автор на статуата висока 2,7 метри и тешка 500 килограми. Ја изработувал дури пет години. Златан е висок 1,95 метри.

Ибрахимовиќ е роден во злогласната населба Русенгорд во Малме, позната по пресметките на имигрантските банди. Неговите родители емигрирале од поранешна Југославија, но се запознале во Шведска. Двајцата беа присутни за церемонијата кога статуата беше откриена.

Популарниот Ибра е вистинска легенда во Шведска каде за националниот тим одигра 116 натпревари на кои постигна 62 гола со што е најдобар стрелец во историјата на Шведска и тешко дека некој во блиска иднина ќе го надмине. Играше на Мундијалите во 2002 и 2006, како и на Европските првенства во 2004, 2008, 2012 и 2016 кога по 15 години репрезентативна кариера се повлече од жолтиот дрес.