Книги

Француската војска ангажира писатели кои ќе предвидуваат досега непознати закани

1. август 2019 - 15:02 | Б.С.Б.

Француската војска верува дека новиот оддел преку визионери на научна фантастика ќе предвидува досега непознати закани по државата.

Во најновиот извештај на француската воена агенција DIA (Defence Innovation Agency) се наведува дека француската војска основала нов оддел наречен „Црвениот тим“, во кој се наоѓаат петмина писатели на научна фантастика. Нивна улога не е осмислување на нови воени технологии, туку изработка на сценарио од закани на кои не се имаат досетено ниту воените стратези ниту аналитичарите.

Според DIA, нивната работа ќе биде од голема важност во борбата против малициозни елементи, бидејќи треба да размислуваме многу покреативно од традиционалните воени експерти.

Меѓу останатото, од Црвениот тим се очекува дека низ различни техники ќе се обидат да замислат како терористите или странските држави би можеле да применуваат напредни технологии за остварување на нивните цели.

Оваа необична идеја на францускиот воен врв се темели на вистинити предвидувања на писатели кои досега се оствариле, како што е слетувањето на Месечината кое во 1865 година го предвиде Жил Верн, видео телефоните кои се појавија во 1927 година во филм, атомската бомба која во 1914 година ја претскажа Херберт Џорџ Велс во новелата World Set Free и слично.

Меѓу другото, Велс кон крајот на 19 век има напишано четири класични романи со научно-фантастична содржина: со вонземјани, патување низ времето па се до невидливоста. Тој бил загрижен дека злоупотребата на науката ќе има апокалиптични размери, предвидувал војни кои ќе се водат со хемиско оружје, појава на тенкови, ласерско оружје и нуклеарно оружје. Со идејата за четвртата димензија на реалноста и временската машина, научници кои креираат нови видови и нови смртоносно оружја тој цел век бил пред неговото време.