Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Дино Периќ: Плачев од среќа, имавме 3:1, а потоа два гола во судиско...

7. ноември 2019 - 10:08 | Ф.З.

Играчите на загрепски Динамо не можат да поверуваат како испуштија победа имајќи два гола разлика синоќа против Шахтар.

Да водиш со 3:1 до 93-та минута, дома пред сопствените гледачи, во натпревар од Лигата на шампиони, а по последниот судиски свиреж да не ѝ се радуваш на победата. Такво сценарио им се случи на фудбалерите на хрватскиот шампион Динамо.

Дефанзивецот Дино Периќ го одигра целиот натпревар против Шахтар и беше дел од таа последна линија која двапати капитулираше во последните минути.

„Што да кажам... не знам, даваме гол за 3:1, трчаме, се радувам... Не можам да верувам дека ќе имаме 7 бодови, плачам од среќа, одушевен сум... И тогаш, 92-ра минута, имаме 3:1 и примаме два гола. Искрено, криви сме само ние, не можам ништо да речам против судиите, си ја работат нивната работа, но мислам дека требаше да издржиме“, рече тој.

Вториот гол Украинците всушност го постигнаа уште подоцна во 93-тата минута, додека израмнувачкиот дојде во 98-мата од пенал кој главниот судија го проверуваше на ВАР.

„Се случуваат и вакви работи. Честитки и до нив, против нас постигнаа два гола во 90+, против Аталанта исто. Треба ова да го пребродиме иако сигурно ќе има непреспиени ноќи. Веќе в недела нѐ чека голем натпревар во Риека. Имаме уште два натпревара во Лигата на шампиони, ќе се бориме“, заврши Периќ.

Динамо со победа ќе беше многу блиску до историски пласман во осминафиналето, но и вака не е сѐ загубено. Сега ги чека гостување кај Аталанта, а потоа во последното коло ќе играат дома со Манчестер Сити.

Она што е лошо е што при евентуален ист број на бодови на крајот со Шахтар, Украинците ќе бидат подобри иако двата натпревара завршија нерешено. Заради правилото гол на гости ќе извиси Динамо, во Загреб беше 3:3, а во Харков 2:2.