Авто новости
ОД 35 НОМИНИРАНИ ЖИРИТО ИЗБРА СЕДУМ МОДЕЛИ

Автомобил на годината во Европа: Избрани седум финалисти - имате фаворит?

28. ноември 2019 - 9:41 | А.С.

Жирито гласаше и ја намали листата на номинирани на само седум кандидати.

Изборот на Автомобил на годината во Европа за 2020 се ближи кон големото финале – познати се седумте кандидати кои влегоа во последниот круг.

Од 35 номинирани кандидати жирито ги избра најдобрите седум. Услов за номинација беше автомобилот да е достапен на пет европски пазари.

„Изборот на финалисти го претставува актуелниот правец во автомобилскиот бизнис. Гледаме напредок на електрификацијата, но и највисоки стандарди кај моторите со внатрешно согорување“, рече претседателот на жирито Френк Џенсен.

И во таа насока, во најтесниот круг влегоа електричните модели Porsche Taycan и Tesla Model 3, како и Peugeot 208 кој исто така има електрична изведба.

Интересно е што овојпат нема „поплава“ од кросовери – единствениот кој се проби до финалето е Ford Puma.

Затоа, тука се славните имиња во нови изданија - BMW Series 1, Renault Clio и Toyota Corolla.

Победникот ќе биде избран во февруари, а свечено ќе биде објавен на Автосалонот во Женева на 2 март.

Лани за Автомобил на годината во Европа беше избран електричниот Jaguar I-Pace, кој исто така беше и светски автомобил на годината.

Финалисти во изборот за Автомобил на годината во Европа за 2020 се:

BMW Series 1

Ford Puma

Peugeot 208

Porsche Taycan

Renault Clio

Tesla Model 3

Toyota Corolla