Македонија

Анкета на Детектор: Скоро половина од граѓаните не очекуваат датум за старт на преговорите идната недела

13. октомври 2019 - 17:51 | МИА

Скопје, 13 октомври 2019 (МИА) – Безмалку половина од македонските граѓани не очекуваат да добиеме датум за старт на преговорите идната недела. Според анкетата која за потребите на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје, 47,7 отсто од анкетираните граѓани не очекуваат датум за преговори овој октомври. Оптимисти се 34,8 отсто, кои сметаат дека идната недела, Брисел ќе и даде зелено светло на земјава, додека 17,5 осто немаат одговор.

Една четвртина од граѓаните или 24,6 отсто велат дека ако не добиеме датум за старт на преговорите овој октомври тогаш тоа нема да се случи никогаш. 22,3 отсто старт на преговорите очекуваат во следните пет години, 16,9 отсто мислат дека тоа ќе се случи до крајот на идната година додека 16,7 отсто велат дека датумот за преговори ќе дојде следната пролет.

Власта, односно најголемата владејачката партија според граѓаните ја носи целата одговорност за овој процес. 34,7 отсто сметаат дека за евентуален неуспех во Брисел виновна ќе биде Владата, додека 19,7 отсто одговорноста ја лоцираат кај опозицијата. 8,2 отсто при евентуален неуспех виновник гледаат во одредени земји членки, додека околу пет отсто се изјасниле дека вината ја гледаат на друго место.

СДСМ е партијата која според 30,9 отсто од анкетираните граѓани направила најмногу за приближувањето на Македонија кон Европската Унија. Речиси идентичен процент или 30,6 отсто сметаат дека заслуги за македонските евроинтеграции нема ниту една политичка партија. 10,1 отсто сметаат дека за ЕУ најмногу направила опозициската ВМРО-ДПМНЕ, 6,4 отсто и даваат кредити на ДУИ и три отсто на Алијансата за Албанците.

Според мнозинство од граѓаните, критиките кои на македонска адреса доаѓаат од Брисел се оправдани. Вака сметаат 41,4 отсто од анкетираните, додека во спротивното се убедени 26,7 отсто додека 31,9 отсто немаат одговор. 46,8 отсто од анкетираните сметаат дека аферата рекет ќе има влијание врз одлуката за добивање на датум за старт на преговорите. 32,4 отсто не очекуваат последици додека 20,8 отсто останале без одговор.

Доколку утре се организира референдум, високи 67,4 отсто ќе гласаат за влез на Македонија во Европската Унија, 17,3 отсто се против додека без одговор се 15,2 отсто анкетирани.

Во споредба со истражувањето кое Детектор го спроведе во февруари оваа година, може да се забележи благо намалување на поддршката за членство во Европската Унија иако треба да се напомене дека намалената поддршка не го зголеми бројот на граѓани кои велат дека на референудмот ќе гласаат против. Од 71,2 отсто во февруари, поддршката паднала на 67,4отсто но се намалиле и противниците кои  од 17,9 отсто во февруари сега паднале на 17,9 отсто. За сметка на тоа пораснал бројот на граѓани кои велат дека се уште немаат одговор и тоа од 10,9 отсто на 15,2 отсто во период од нешто помалку од седум месеци. 40 отсто од анкетираните велат дека гледано од денешен аспект, Договорот за добросоедство со Бугарија и Договорот за името со Грција беа погрешен чекор. Тука некаде се и оние кои се убедени во спротивното.  38,4 отсто сметаат дека тоа била правилна одлука додека 21,6 отсто немаат одговор.

Мнозинството граѓани или 27,2 отсто сметаат дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија во наредните пет години. 22,7 отсто велат дека тоа нема да се случи никогаш, 15,4 отсто веруваат дека членството ќе дојде идната година, 12,6 отсто во следните 10 години, а девет отсто во наредните 15 години.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена телефонски, во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1109 испитаници со маргина на грешка од плус-минус три отсто.