Авто новости

Амбициозен план на Меркел: Милион станици за полнење електрични автомобили до 2030

7. ноември 2019 - 20:26 | А.С.

Германската канцеларка Ангела Меркел неделава одржува состаноци со претставници на автомобилската индустрија, а главна тема на разговор е како да се забрза вложувањето во електрични возила, како дел од напорите за намалување на штетните издувни гасови.

Меркел замислува до 2030 година во Германија да бидат поставени дури еден милион станици за полнење електрични возила, а автомобилската индустрија мора да учествува во нивна изградба.

Нејзината идеја ја поддржува и премиерот на Долна Саксонија Штефан Вајл. Токму во неговата покраина се наоѓа седиштето на Volkswagen, а тој е член на надзорниот одбор на овој концерн.

Неговото барање кон претставниците на производителите на автомобили ќе биде да се обврзат дека ќе изградат до 100.000 јавни локации за полнење во Германија до 2021 година. Во моментов Германија располага со 20.000 вакви станици.

Со ваков ритам и темпо, до 2030 година треба да се градат 100.000 станици за да се исполни планот на Меркел.

Меркел нагласи дека овие напори се насочени и кон зачувување на работните места во производството на автомобили и авто-делови.

Јасно е дека за производството на електрични автомобили се потребни помалку работници, па властите ќе работат на тоа да им се овозможи скратено работно време на компаниите во случај на вишок вработени, а германската влада ќе ги субвенционира ваквите обиди за да не се затвораат работни места.