21 април 1918, соборен бил Црвениот Барон
Манфред фон Рихтхофен, попознат како Црвениот Барон, е најпознатиот воен пилот од Првата светска војна со 80 воздушни победи.
Рихтхофен бил всушност коњаник од благородна фамилија кој во 1915 се приклучил во германската авијација. Наредната година станал еден од првите пилоти на ескадрилата Јагтштафел 2, а поради талентот кој го поседувал набрзо бил прекомандуван прво како водач на единицата Јаста 11, а потоа и на поголемите борбените авиони, единицата Јагтгешвадер 1, попознати како „Летечкиот циркус“ поради светлите бои на авионите.
Вештините во пилотирањето на Црвениот Барон му донеле слава во Германија и станал национален херој, а бил почитуван и од непријателите. На 21 април 1918 загинал откако бил соборен над француското гратче Вокс-сур-Сом во Битката за Лис.
За него се снимени филмови, напишани книги, испеани песни, се појавува во стрипови, компјутерски игри, друштвени игри, итн.